ВАЖНАТА УЛОГА НА АНТИОКСИДАНСИТЕ ВО ИСХРАНАТА И ЗДРАВЈЕТО

Што се слободни радикали?

Слободните радикали се високореактивни молекули (најчесто соединенија на кислородот, водородот, железото и тн.) чија нестабилна хемиска природа ги доведува до верижни реакции на оксидација со други молекули. При оксидативните реакции, слободните радикали, оксидантите преземаат или „крадат“ електрон од молекулите со кои реагираат и таквите оксидирани молекули, веќе ја менуваат својата хемиска структура а со тоа и својата биолошката и физиолошка функција во клетките.

Слободните радикали се присутни во нашето тело и се составен дел од човековата физиологија. Тие се создаваат во сите клетки при процесот на продукција на клеточна енергија, се ослободуваат и како одговор на стрес, при електромагнетно зрачење, пушење или зголемен физички напор и други состојби кои се дел од физиолошкиот одговор на нашето тело. Слободните радикали создаваат и имуните клетки како еден од механизамите на уништување на патогените микроби. Но, денес модерниот начин на живот во урбаните средини, односно исклучително високата концентрација на токсини од воздухот, храната и прекумерната изложеност на стрес во нашето тело создаваат толку високи концентрации на слободни радикали кои прават сериозни, долгорочни оштетувања на клетките.



Колку се штетни слободните радикали за здравјето?

Со менување на молекулите во клетките слободните радикали директно ги оштетуваат клеточните мембрани, нивните составни делови (органелите) дури и клеточното јадро, односно молекулата на ДНК. Сите оштетувања кои слободните радикали ги прават на нашите клетки и ткива со заедничко име се нарекуваат оксидативен стрес. Во услови на постојани оштетувања предизвикани од страна на слободните радикали, клетките не може да ја извршуваат својата функција бидејки:

-        Не можат да ги добијат потребните енергетско носечки молекули, нутриенти за продукција на енергија,

-        Не можат да создаваат енергија (доколку се оштетени митохондриите - органели во кои се создава енргија за животните циклуси на секоја клетка),

-        Не добиваат нутриенти, молекули потребни за одржување и обнова на својата мембрана и клеточна структура,

-        Не можат да создаваат продукти (пример хормони и други молекули),

-        Не можат да примаат сигнали и инструкции  или

-        Не може правилно да се обновува молекулата на ДНК, да се удвојуваат хромозомите и да се размножуваат клетките, а таквата состојба на нарушена функција на клетката директно доведува до нарушување на функцијата на самите ткива и развој на системски воспаленија на ткивата, кои резултираат во хронично нарушена функција и појава на воспаленија на органите - односно појава на болест.



Што се антиоксиданси и како помагаат?

Антиоксидансите се единствените молекули во природата кои се способни да ги „уловат“ и уништат, односно да ги наутрализираат слободните радикали. Затоа на нашето тело секојдневно му се потребни антиоксиданси. Колку е поголем оксидативниот стрес предизвикан од страна на слободните радикали толку е поголема потребата од повисоки концентрации на антиоксиданси во организмот.

Постојат неколку илјади различни антиоксданти во природата, поделени по неколку основи,  но најпознати се следните две групи:

Каретеноиди

Каретеноидите се антиоксиданти растворливи во масти, од кои најпознати се бета каротенот, лутеинот, зеаксантинот во моркови и зелен лиснаст зеленчук, ликопенот во домати, лубеница и други црвени плодови, како и астаксантинот, многу силен антиоксидант во морските риби и плодови.

Полифеноли

Во групата на полифеноли спаѓаат флавоноидите, фенолите, танините и други подгрупи, а познати антиоксиданти во оваа група се антоцијанините (аронија, боровинки, црно гоџи и друго темно обоено шумско овошје како и калинка), ресвератролот (грозје), куркуминот (куркума), пиперин (црн бибер), катекини (зелен чај), фикоцијанинот (спирулина), рузмаринска киселина (рузмарин и други билки), елегиска киселина (јагоди), цитрусни биофлавоноиди (нарангин, хисперидин), кварцетин о кромидот и зелени зеленчуци и др.

Кои се најсилните антиоксиданси во природата?

Силината или ефектот од антиоксидантите се мери по ОРАК индексот (ORAC - Oxygen Radical Absorbance Capacity) – што претставува капацитет или способност за неутрaлизирање на слободните радикали. Од храната, предводник на скалата за ОРАК вредности е темно обоеното, виолетово шумско овошје - црното гоџи, аронијата, како и боровинките, амла и акаи бобинката и други зрнести плодови. Но, по апсолутна вредност најмоќните растителни антиоксиданти се наоѓаат во билките, конкретно зачинските билки, чаевите, какаото, кафето како и медицинските печурки. Потврдено е дека билките/зачините како ориганото, рузмаринот, пеперминтот, мајчината душица, белиот и црниот бибер, каранфилчето, циметот, ѓумбирот, куркумата и други зачини имаат многукратно поголема антиоксидативна способност (исклучителни високи ОРАК вредности) во споредба со зеленчукот и овошјето, но бидејки количински во храната се користат во мали количини, ретко го исползуваме нивниот вистински потенцијал.

Наједноставн начин да внесеме широк спектар антиоксиданти од храната е редовно да внесуваме широк спектар зеленчук и овошје во сите бои од виножитото (секој пигмент кој ја дава бојата на плодовите и растенијата означува присуство на различни антиоксиданти) и да ја збогатите исхраната со што повеќе зачини, зачински билки и чаеви.